Мигрантите натераа дел од членките на ЕУ да се противат на проширување

Напливот на мигранти на стариот континент ги плаши европјаните. Влијае на желбата на дел од членките на Европската унија да ги отворат границите за проширување на европското семејство. Ова го констатираа претставници на меѓународната заедница на еден месец пред изборите за нов состав на Европскиот парламент. Тие потсетија, дека пред 15 години се случи најголемото проширување на Европската унија. Од тогаш, постојано се намалувал интересот на членките да примаат нови сојузници.

„Што се однесува до миграцијата, доаѓањето на мигрантите од друга територија обично се гледа како катализатор на рапидни општествени промени и локалното население нормално е дека се плаши од тоа и ги чувствува како загрозени своите традиционални вредности.“ кажа Елиска Гертнерова, претставник на Европската унија.

Сепак, охрабрување стигна од некои меѓународни фактори. Ги поддржуваат земјите од западниот Балкан кои бркаат приклучок кон европското семејство. Признаваат дека некои од земјите кои веќе се во заедницата – недоволно ги почитуваат европските вредности и закони и со тоа ги разочарале останатите членки во Унијата. Странците советуваат што треба да се направи за да се трасира патот на земјите како Македонија, а ги споменаа и постоечките проблеми кои се уште постојат на Балканот.

„Некои земји членки се дури и под закана да им се одземат правата во Европската унија. Демократска стабилизација за земјите на Западниот Балкан е нешто што е задолжително. Имаме проблеми со номинациите на судиите, на јавните обвинители.“ кажа Кристијан Тимоние, амбасадор на Франција.

Говорниците на дискусијата во седиштето на Европската унија во Скопје кажаа дека им преостанува да се надеваат дека новиот состав кој ќе ја води европската политика ќе даде приоритет на проширувањето и земјите од овој регион на континентот.

„Нашата загриженост е во насока на тоа дали ќе имаме поевроскептични или повеќе поддржувачи за проширувањето. Тоа е клучното прашање кое сега не мачи.“ кажа Симонида Кацарска од Институтот за европска политика.

Изборите за новиот состав на Европскиот парламент ќе се одржат помеѓу 23 и 26 мај. Изборите за едно од светските највлијателни законодавни тела се случуваат на секои пет години од 1979 година па натаму. Парламентот го сочинуваат политички групи организирани на ниво на Унијата, а вкупниот состав моментално изнесува 751 пратеник.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ