Охрид располага со непроценливо културно наследство

Како ретко кој град во земјата, но и пошироко на Балканот, Охрид располага со непроценливо културно наследство кое веќе 4 децении е под заштита на УНЕСКО. Дел од него е истражено, ревитализирано и презентирано на јавноста, но се уште има неистражени локалитети и знаменитости за кои во моментов НУ Завод и Музеј Охрид која се грижи за културното наследство во регионот, нема доволно ресурси.

Оваа година од буџетот на државата за заштита на недвижното наследство и музејстака дејност во Охрид ќе се финансираат 23 проекти со околу 8.5 милиони денари. Средствата ќе бидат искористени за заштита на најприоритетните објекти и локалитети, а останатото установата ќе го финансира од сопствени средства остварени од влезници на најатрактивните локалитет како Самуиловата тврдина која установата ја уредува со сопствени средства и Музејот на вода во Градиште, каде бројот на посетители се зголемува од година во година. Но потенцијалот за валоризација на културното наследствио во туристички цели е многу поголем, сметаат стручните лица.

Најголем предизвик и натаму претставува истражувањето на подводното културно наследство во Охридското Езеро, кое е своевиден музеј. Засега откриен е само локалитетот Плоча Миќов град во Градиште, но езерото крие уште многу тајни.

Во соработка со Центарот за истражување на предисторија при универзитетот во Берн Швајцарија Завод и Музеј реализира проект за доистражување на подводниот локалитет во Градиште, во рамки на кој до 2020 година ќе бидат опфатени и други локалитети во Охридското Езеро на македонска и албанска страна, како и локалитети во Грција од исклучителна важност за науката но и за пошироката јавност.

Горан Момироски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ