
Миле Јанакиски бара да ги види доказите за крвавиот четврток па да се брани
Набиена агенда на екс министерот за транспорт Миле Јанакиески. Утрово во 10 часот му закажале две рочишта за два различни предмети, „ТНТ“ и „Шамарите во центар“ каде е обвинет и еден распит за „Крвавиот четврток“ каде е осомничен. Поради ова неговата одбрана, но и самиот реагираше дека ова постојано се случува.
Полицијата денеска не знаеше каде да ме донесе. Имав покана за три различни процеси во исто време. Од дваесет работни денови месецов, во седумнаесет имам покана за на суд, рече Јанакиески.
Од овие причини судењето „ТНТ“ се одложи, рочиштетот за „Шамарите во центар“ се одржа со сведочење на само еден сведок, по што Миле Јанакиески на пладне влезе во обвинителството за организиран криминал и корупција. И покрај тоа што е на само неколку стотини метри зад Кривичниот суд сепак беше транспортиран со полициско комбе, бидејќи ја издржува мерката притвор. Таму се задржа само триесетина минути.
И тој како и останатите осомничени организатори на инцидентите во Собранието кои се појавија пред обвинителката Вилма Русковска, барал да ги види прво доказите па после да даде исказ. Од обвинителството велат ова ќе им биде овозможено но следната недела.
Покрај Јанакиески, вчера пред обвинителството од притвор бил донесен и екс министерот за социјала Спиро Ристовски. И тој барал увид во докази. Со ова сите четворица осомничени за крвавиот четврток кои се достапни неделава беа кај Русковска, Груевски и Бошковски се избегани во Унгарија и Грција. Според обвинителството истрагата привршува и до крајот на мај се очекува обвинение.
Билјана Николовска