
Ќе ја загрози ли животната средина комплексот кај Козјак?
Отпадните води кои би произлегле од туристичкиот комплекс што треба да се гради на видиковецот над езерото Козјак, можат да го загадат изворот Коритиште, кој е главна алтернатување за снабдување со вода на Скопје, предупредуваат експертите.
Уште во 2009, кога Агенцијата за просторно планирање побарала мислење од Животна средина за објектот, Секторот за природа во министерството дал негативно мислење.
Тогашниот раководител на Секторот, Васил Анастасовски, за Телма вели дека оваа локација не е поволна за таква градба, бидејќи се наоѓа на десниот брег на реката Треска, што е карстно подрачје, па целата дождовна вода, преку системот на подземни канали ќе се слева во реката.
„Бидејќи таму, веројатно таа населба ќе има и отпадни води, сите тие води, по системот на промивање, можат да дојдат во речното корито на реката Треска, каде што, на десниот брег на реката, се наоѓа еден од најсилните извори во Македонија, изворот Коритиште, кој има издашност од околу 2000 литри вода во секунда. Така што, со тие отпадни води, можно е загадување на овој извор, кој претставува алтернатива за водоснабдување на град Скопје со питка вода“, вели Васил Анастасовски, поранешен раководител на секторот за природа и претседател на Друштвото за заштита на природата.
Негативното мислење било поткрепено и со ставовите на Географскиот институт и Геолошкиот завод од Штип.
Анастасовски не знае како и зошто потоа Министерството одобрило ова земјиште да се пренамени во градежно и како е изработена урбанистичката документација.
„Штом станува збор за центар, веројатно подразбира повеќе градби, значи таму треба да се шири градбата, како ќе се решат тие отпадни води? Мислам дека не треба да се рескира да се лоцира таква населба на тоа карстно подрачје, варовнички терен“, укажува Анастасовски.
Инвеститорот, пак, кој веќе го огради просторот и ги стартуваше градежните активности, уверува дека нема да дозволи никаково загадување.
„Пропустот на отпадните води нема да има никакво влијание врз животната средина затоа што ќе се врши во водо-непропусна септичка јама. Дел од водената маса ќе се прочистува во пречистителна станица и ќе се користи како техничка вода за наводнување на партерното уредување. Нема да дозволам да има било какво загадување на околината, ниту на водите во околината, ниту на било кој извор“, вели Влатко Костенчев, Аурора.
Тврди дека има намера постојано да вложува во хортикултурно уредување на околината, а просторот ќе биде заштитен од уништување и валкање од несовесни посетители.
Костенчев открива дека објектот ќе биде во висина приземје плус поткровје, а за него дозволата за градба е добиена во јуни 2017. Најавува почетна инвестиција меѓу 450 и 500 илјади евра, а деталите за големината и капацитетот ќе ги објави во друга прилика.
Жали што неговата искрена, чесна и добронамерна инвестиција, добива негативен контекст.
Ова земјиште од околу илјада метри квадратни е купено во 2016 на јавно наддавање, за сума од околу 4 илјади евра, откако во 2012 Советот на општина Сопиште донел одлука за Урбанистички план. Од таму не откриваат повеќе детали бидејќи бил предизборен период. Со оглед што се наоѓа во заштитено подрачје на Јасен, директорот на ова јавно претпријатие, Новица Зечевиќ, вели дека итно го задолжил Инспекцискиот совет да изврши координиран инспекциски надзор, по што ќе произлезат наредните чекори.
Од Министерството за одбрана велат дека досега не се консултирани, ниту е побарано и не е дадено мислење во однос на проектот. Со оглед што станува збор за зона од посебен интерес за одбраната, постапено е спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање, велат оттаму.
„Во овој момент, Министерството нема целосни информации за намената на објектот. Во насока на надминување на актуелната состојба, во комуникација сме со надлежните институции, со цел прибирање на потребните информации за објектот, неговата намена и функција и влијанието на истиот во извршување на функциите и задачите на Министерството“, велат од Министерството за одбрана.
Министерствота за животна средина до подготовка на прилогот не кажа какви мерки ќе преземе.
Нина Нинеска Фиданоскa