Реакција на ММА за ненадлежното постапување на Основниот Суд два

Основниот суд Скопје 2 денеска лиферуваше соопштение насловено како демант, во кое наводно ги демантира наводите во реакцијата на ММА. Главната забелешка на ММА која е и предмет на претставка на ММА до Судскиот Совет, ДИК, ОБСЕ и Антикорупциска комисија е дека Основен Суд Скопје 2 како граѓански суд нема надлежност да се меша во управни спорови за кои е надлежен управниот суд.

Во наводниот демант од судот, со ниту една реченица не е објаснето, од каде судот ја црпи ингеренцијата за да се меша во управна постапка, и како може граѓански суд да и наложува на ДИК како да постапува во предмети прецизно уредени со Изборниот законик, и да и наложува на ДИК веднаш да го објави ценовникот на 1тв, иако за тој спор надлежниот управен суд, веќе два пати се произнесе дека ДИК не треба да го објави ценовникот.

Основен суд Скопје 2 се вади дека станува збор за одлука на судот која е времена мерка, и дека додека трае жалбена постапка, според видување на судот, било недозволиво да се напаѓа првостепениот суд и околу неговата одлука да не се изнесуваат забелешки и констатации во јавноста.

Иако станува збор за граѓански суд, сепак судот треба да знае дека изборниот процес и неговата законитост, се од осообена важност за јавноста, како и дека овие процеси ги следи и ОБСЕ и целата меѓународна заедница, и затоа должност е на медиумите за овие процеси да известуваат, а не да молчат, како што бара судот, повикувајќи се на некакви си сталинистички практики дека медиумите не смееле да даваат никакви констатации и забелешки на одлуките на судот.

По решението на скопска двојка, на 1тв започна емитување на политички спотови кои треба да ги платат македонските граѓани од буџетот.

Нема сомнение дека тоа и беше интенција на судот, и затоа е донесена одлука со која на ДИК и се наложува веднаш да го објави ценовникот, независно од жалбените постапки и конечниот епилог на судскиот спор, со што еден граѓански суд, директно се вмеша во изборите и нивната законитост.

Што се однесува до жалбената посташка, јасно е дека ако повисоките судски инстанци донесат одлука дека 1ТВ немала право да објави ценовник по истекот на рокот, што е недвосмислено во изборниот законик, и заради тоа ДИК и Управниот суд и донесоа одлука која е спротивна на решението на скопска двојка, емитувањето на спотовите на 1ТВ ќе биде директно кривично дело –нелегално финансирање на политичка кампања од страна на медиум.

Нема сомение дека одговорност за вршење на ова кривично дело има и Основен суд Скопје 2 кој го овозможи и поттикна ова кривично дело, со носење судски одлуки, кои не се во доменот на ингеренциите на судот.

 

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ