Вести Грција не се откажува од тезата за Македонија создадена од Тито
Нов импусл со стари тези. Вака може да се опише моменталниот однос на официјална Грција кон земјава. И покрај поместувањата кои се прават во релациите меѓу двете земји по Договорот од Преспа, во делот на работата на заедничките комисии и контактите, грчкото МНР на својот сајт ја врати категоријата посветено на прашањето за името на земјава во кое се наведува дека идејата за постоење на македонската нација и држава е креација на Тито.
„Тито ја оддели од Србија областа која порано се нарекуваше Вардарска Бановина давајќи и статус на федерална компонента на новата федерална Југославија преименувајќи ја во Народна Република Македонија, а потоа во Социјалистичка Република Македонија. Истовремено, тој почна да ја гради идејата за одделна и различна македонска нација“, се наведува на сајтот на грчкото МНР.
Целта на Тито, според грчкото МНР, му била да ги поттикне идните територијални претензии на поширокиот регион на Македонија за да обезбеди излез на Егејското Море.
Оваа теза пласирана на сајтот на грчкото МНР не е нова, ново е само името на државата од поранешна југословенска Република Македонија, таа е преименувана во Република Северна Македонија. Грчкото МНР иако неодамна по официјална реакција на македонското МНР го тргна текстот за македонското прашање од својата официјална веб-страница, повторно го врати.
„Историски, зборот Македонија се однесува на кралството и културата на античките Македонци, кои припаѓаат на грчката нација и се нераскинлив дел од историското и културно наследство на Грција“, стои на сајтот на МНР на Грција.
Ваквите тези одат во прилог на противниците на Договорот особено во пресрет на претстојните избори за Европскиот парламент во Грција идниот месец, но и парламентарните на есен, но не и во прилог на работата на телата формирани за решавање на прашањата меѓу двете земји. Такви се Комисијата за историски и археолошки прашања, која треба да ги расчисти токму несогласувања околу историјата меѓу двете страни, но и комисијата за трговските марки и брендови која официјално треба да се формира кон средината на мај, а за која веќе се прават подготовки.
Комисијата за историските прашања која ја одржа својата трета средба изминатиот викенд, како што е наведено во соопштението, остварила напредок во работата, при што се разговарало и за учебниците по историја.
Според неофицијални информации, на состанокот било покренато прашањето за историските и географските карти, при што за грчката страна биле спорни картите на кои со Македонија се именува целиот регион, додека за македонската страна било спорно именувањето на нашата држава на картите во грчките учебници. Официјална потврда за ова нема, но неофицијалните информации се дека најавеното отворање на содржината на учебниците веќе започнало, за кои македонската страна има подготвено 20 страници забелешки. Следниот состанок на Комисијата е закажан за средината на мај.
Тамара Грнчароска



