
Министерот Фазлиу ќе оди кај градоначалникот Мерко поради набавката на луксузното „ауди“
Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, најави дека ќе се сретне со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за да разговара со него околу набавката на луксузното „ауди“ вредно околу 70 илјади евра.
Фазлиу смета дека станува збор за луксузирање но не потврди дека гледа вина или грешка во потегот на градоначалникот Мерко.
Општината која должи околу 4 милиони евра доби пари од државниот Буџет за да се раздолжи, и треба да се утврди дали токму од тие пари е купено луксузното возило.
Тој додаде дека и општинскиот совет можел да ја спречи набавката на автомобилот доколку сметал дека не е потребна.
Според министерот, одговорноста за постапките и лошото менаџирање на општината паѓа врз градоначалниците кои ќе ја изгубат довербата од граѓаните односно гласачите.
Тој побара од градоначалниците да бидат поодговорни во трошењето на парите.
Владата им додели на општините вкупно 50 милиони евра за да се раздолжат кон дел од доверителите. До крајот на јуни сите оштини треба да ги завршат преговорите со доверителите околу евентуалното бришење на каматите и до крајот на годината да ги вратат долговите и да објават извештаи околу раздолжувањето.
Огнен Чанчаревиќ