
Основниот суд 2 незаконски влијае на изборниот процес
Основен суд Скопје 2 донесе целосно незаконска одлука со која пресуди надомест на штета од 100 000 евра, за 1ТВ, и и наложи на ДИК да го објави ценовникот на телевизијата.
Претседателот на ДИК Оливер Дерковски ни изјави дека ДИК вложи жалба на пресудата на судијката на основен суд Скопје 2 Сузана Дончевска по два основа:
Прво, врз основа на фактот што Основен суд Скопје 2 нема надлежност да постапува во управни спорови за што надлежност има само управниот суд;
И второ, затоа што е нејасно како Основен суд проценил 100.000 евра штета, кога таква штета е непостоечка, бидејќи на телевизијата не беше емитувана политичка кампања.
Управниот суд не сака да ја коментира одлуката на скопска двојка, меѓутоа нагласува дека на два пати го одбил барањето на 1тв како незаконско.
Да постетиме дека 1ТВ претходно не ги испочитува законските рокови да ги достави ценовниците во рок од 5 дена од распишување на изборите, во кој рок радиодифузерите се должни на своите програми и два пати да ги истакнат ценовниците. Ова е јасно истакнато во член 75 од Изборниот Законик. Откако не ги ипочитуваа роковите, и доставија ценовник 9 дена по распишување на изборите, 1ТВ за својот аматеризам, се нафрли врз ДИК со секојдневни спотови и притисоци врз претседателот на ДИК, и почна да води спорови пред судови, за наводна штета.
Доколку Стево Пендаровски или Гордана Давкова не ги испочитуваа крајните рокови за поднесување кандидатура за претседател, дали потоа ќе се бараше накнадно да бидат уфрлени на гласачкото ливче, дали ќе се вршеше невиден притисок врз ДИК за да попушти наспроти одредбите од изборниот законик, и како капак, дали Основниот суд 2 иако ненадлежен ќе се најдеше повикан да пресуди кој може да учествува во изборната трка, откако законските рокови изминале?
За овој невиден скандал што фрла дамка на Изборниот процес, Македонската медиумска асоцијација која ја сочинуваат националните телевизии Алфа, Алсат М, Канал 5, Сител и Телма поднесе преставки до ОБСЕ, Судскиот совет, Државната антикорупциска комисија и Државната Изборна Комисија со која изразува чудење од одлуката со која Основен суд 2 преку судијката Сузана Дончевска на 12 Април незаконски донесе решение со кое на 1ТВ и обезбедува основ за 100.000 евра непостоечко побарување за платен политички маркетинг. Згора на ова Основниот суд два дава правна поука дека 1ТВ треба да поднесе тужба за утврдување на право на ППП, право на надомест, како и надомест на штета од испуштена корист од изборниот процес.
Како судијката Сузана Дончевска утврдила дека 1ТВ има побарување, ни повеќе ни помалку, туку 100.000 евра? И кон кого, кога нема склучено ниеден облигационен договор со ниедна политичка партија? Претседателот на Основниот суд два Илир Сулејмани за Телма изјави дека бил на пат и не ја видел одлуката на судијката Сузана Дончевска и дополнително ќе не извести зошто Основниот Суд два кој е граѓански суд одлучувал по тужбата на Еден ТВ.
Во меѓувреме, иако траат жалбените постапки, до повисоки судски инстанци на 1ТВ одредени политички субјекти почнаа да емитуваат спотови.
Доколку повисоките инстанци ја потврдат одлуката на управниот суд, ДИК нема да може да исплати средства на 1ТВ, и со тоа, на телевизијата ќе има бесплатен политички маркетинг, а во Македонија е кривично дело доколку медиуми финансираат политички партии.