Подметнат доказ во судски предмет- надлежните молчат и ја префрлаат топката

Обвинителството треба да отвори постапка за да истражи дали имало подметнати докази во судски предмети, објаснува претседателот на судскиот совет Караџовски за случајот кој пред десет дена го обелодени КОД дека постои сомнеж за криење на доказ- ДНК анализа  која ослободува од одговорност за убиство доживотни затвореници од Кичево.

По грешката во 2005-та година во тој судски случај, беа убиени уште две жени, а самоубиства во затвор извршија осомничениот Владо Танески и еден доживотен затвореник. Надлежните се уште не отвориле постапка и си ја префрлаат одговорноста за истрага.

Нема надлежна институција која покренала постапка за подметнат доказ во судски предмет, кој можел да им помогне на обвинетите кои биле осудени и за убиство кое не го извршиле и кичевскиот суд пред 14 години им досудил доживотен затвор. Откритието на КОД за случајот кој полицијата, обвинителството и судството го затвориле, а убиецот останала на слобода и подоцна убил уште две жени-за судскиот совет не е во негова надлежност.

Такви откритија за подметнати или скриени докази се за обвинителството, вели претседателот на Советот во заминување.

-Надлежен орган за прогон за вакви работи е јавното обвинителство. Доколку најде нешто сигурен сум дека ќе постапи и ќе поведе. Што се однесува за судскиот совет, ние не можеме да покренеме бидејќи според достапните информации, судиите или судијата кои го воделе тој слушај не се веќе судии. Ние немаме надлежност врз пензионирани или судии кои престанале да бидат под било кој услов судии. Второто ограничување е застареноста на делото. Трето обвинетите мислам дека би можеле да поведат постапка за повторување, изјави Зоран Караџовски, претседател на судскиот совет на Република Северна Македонија.

Според истражувањето на КОД, доказот ДНК анализа го немало ниту во обвинението ниту во кривичната пријава, а го има во судскиот предмет иако ниту обвинителството во Кичево не откри кој го донел и кој го доставил доказот.

Случајот не е за организиран криминал бидејќи се наведени кривични дела за кои е надлежно ова обвинителство, тврди тамошната обвинителка Рускоска иако постои сомнеж за цела мрежа (полиција, обвинителство, суд) која стои зад местењето докази.

-Ако се вклучени обвинители, полиција итн, тоа не значи дека станува збор за злосторничко здружение (н.з. дело во надлежност на организиран криминал) и дека ние треба да постапуваме по тој предмт како наша надлежност, одговори Вилма Рускоска, раководител на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција.

Пред десет дена по едногодишно истражување, во емисијата КОД беше објавено дека двајца кичевчани Анте Ристоски и Игор Мирчески се осудени за две убиства и силување иако, ДНК анализата ги ослободувала од силување и убиство на Митра Силјаноска извршено 2004-та.

По грешката на судскиот систем и истрагата, серискиот убиец остана на слобода и уби две жени, а осомничениот за убиствата Владо Танески мистериозно се самоуби во кофа со вода во затвор. Во затвор самоубиство изврши и осудениот на доживотно Игор Мирчески.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ