
Поради епидемијата од мали сипаници нема да се примаат деца во училиште најавува Филипче
Да не се примаат невакцинирани деца на училиште, инсистираат здравствените власти. Докторите сакаат со ригорозни мерки да го чуваат јавното здравје. Од Образование ги сфаќаат нивните намери, но велат дека тоа е спротивно од Законот.
„Ниту едно дете нема да биде примено во градинка и во училиште невакцинирано. Прилично се јасни одлуките на Уставен суд дека никој нема право да го загрозува јавното здравје, ниту пак има право со својата волја да го загрозува правото на детето да биде здраво.“ кажа Венко Филипче, министер за здравство.
Од кабинетот на министерот Арбр Адеми кажаа дека ќе се фокусираат на давање препораки за вакцинација, но не смеат училиштата да не ги примат првачињата и да ги враќаат од часови веќе запишаните деца, затоа што основното образование е задолжително.
„Во овој момент таа препорака ќе се однесува за уписите коишто ќе се случуваат во наредниот период. Главната таргет група за заштита од заразата е од 0 до 6 години.“ кажаа од Министерството за образование.
Од вчера епидемија е прогласена на ниво на цела држава. Болни од мали сипаници има во многу градови. Вакцини има доволно, тврди министерот Филипче.
„Вакцини има сосем доволно. Веќе има и нови количини од новата набавка. Тие до петок ќе бидат дистрибуирани во сите Центри за јавно здравје во вакциналните пунктови во здравствените домови. Во овој момент нема некој Центар којшто нема, меѓутоа веќе се при крај залихите.“ кажа Венко Филипче, министер за здравство.
Има и места кадешто тоа не е случај. Од Центарот за јавно здравје во Струга за Телма кажаа два дена немаат вакцини на располагање иако навреме нарачале дополнување на залихите.
Дописот дека е прогласена епидемија во целата држава се уште не е пристигнат во здравствените домови и во другите градови.
Кога ќе пристигне тоа и таму ќе се применуваат мерките кои досега се применуваа во Скопје и во другите градови кадешто има прогласено епидемија. За тоа дали ќе има дополнителни мерки и нови правила, ќе одлучуваат одговорните во Комисијата за заразни болести.
Петар Догов