
Хан: ЕУ би била неодговорна ако не и даде датум за преговори на земјава
Би било неодговорно ако ЕУ не ги исполни ветувањата кон земјава, е ставот на еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, според кого придржувањето кон ветувањата кои ги дала Унијата е прашање на нејзин кредибилитет. Хан во интервју за „Независен“ вели дека процесот на пристапување не може да биде еднонасочна улица – ако земјата испорачува реформи и ЕУ мора да испорачаат кон неа.
Хан притоа потврдува дека некои земји имаат резерви за пристапувањето на земјава, но се надева дека испорачувањето на клучните реформи ќе ги премисли и одлука на Советот во јуни ќе биде позитивна. Поради тоа, вели тој, реформските напори мора да траат до последен момент, а претседателските избори да бидат слободни и фер.
Во интервјутот тој упати и порака до претседателот Иванов, околу барањата до него да ги амнестира обвинетите за 27 април, но и други обвинети во случаи на корупција.
„Можам само да апелирам до претседателот во заминување да не се меша во тековните судски постапки“, изјави Хан.
За најавите од опозицијата дека доколку дојде на власт ќе се обиде да го смени Преспанскиот договор, Хан се надева дека е време политичките лидери да размислуваат што е добро за граѓаните.
„Се надевам дека ова достигнување нема да биде жртвувано поради партиски политички причини. Во интерес на земјата е ова остварување да биде неповратно, како и реформите направени во клучните приоритетни области. Време е политичките лидери на Западниот Балкан да размислуваат на долгорочен стратегиски начин, т.е. што е најдобро за нивните земји и граѓани, наместо да ги следат партиските политички размислувања“, вели Хан.
За Договорот од Преспа и неговото значење, се огласи и грчкиот премиер, Алексис Ципрас, кој во интервју за Антена 1 изјави дека дури и оние кои сега, добронамерно се противат, за 10 години или помалку ќе ја сфатат историската вредност на Договорот и во тој контекст и неговата важност за Грција.
„Се решава спор што беше пречка со земјата на северната граница, која ѝ го имаше свртено грбот на Грција, која ќе беше и е нејзиниот природен сојузник, што сега ни овозможува да имаме економска активност таму, тие да се нашите основни стратешки партнери. Авионите на нашето воено воздухопловство, наместо турските Ф16, да се оние кои го надгледуваат нивниот воздушен простор. Овие се големите можности на договорот што е од национално значење и со патриотски вредности“, изјави Алексис Ципрас, премиер на Грција.
За тоа зошто владата во Грција не распиша референдум за Договорот, Ципрас возврати со прашање со кое имплицираше дека не може Грција да решава како ќе и се викаат соседите.
Тамара Грнчароска