Пожарникарите задолжително ќе даваат прва помош при тешки несреќи како онаа во Ласкарци

Поминаа два месеци од трагедијата кај Ласкарци. Надлежните не помнат потешка сообраќајна несреќа. Но, најавуваат измена на Законите, за поефикасно да се справуваат со таквите ситуации во иднина. Државата ќе ги обврзе пожарникарите да бидат подготвени да дадат прва помош при големи несреќи.

„Тоа подразбира дека при секоја сообраќајна несреќа и пожарникарите во идно време се надевам дека ќе ги викаме спасители, да излезат и заедно со екипите на итната медицинска помош и со полицијата да направат еден комплексен одговор на секој таков инцидент.“ кажа Весна Неделковска, доктор во Брза помош.

Токму оние кои секогаш се први на местото на случувањата, отворено кажуваат дека треба да се унапреди начинот на кој службите реагираат кога е најитно.

„Мислам дека системот на организациите и поставеноста на структурата треба да се смени во смисла на дејствување како ќе реагираме во вакви несакани ситуации.“ кажа Владимир Симоновски, командант на Противпожарна бригада на Град Скопје.

Условите на терен во тоа кобно февруарско попладне не беа едноставни. Пожарникарите кои ги извлекуваа патниците од превртениот автобус реагираа најбрзо што можеа. Но, само дел од нив биле обучени да дадат прва помош при такви тешки сообраќајки. Друг дел помагале и со координирале со екипите на Брза помош, додека локалното население обидувајќи се да помогне, на моменти им одмагало.

„Реагиравме онолку колку што можевме – најбрзо што можевме. И теренот беше непристапен, имавме доста жители коишто беа од соседните села и ние моравме да пазиме и на нивната безбедност во целата ситуација.“ кажа Владимир Симоновски, командант на Противпожарна бригада на Град Скопје.

Во Визбегово се подготвува земјиште за изградба на Центар во кој ќе се обучуваат спасители. На нив, пружањето прва помош ќе им влезе во описот на работното место, но за да се случи тоа потребно е прво да се сменат законите.

„Собранието моментално не работи, пратениците одмараат се додека не завршат претседателските избори. Откако ќе се вратат на работа, како дел од својата агенда ќе имаат и разгледување на ред други закони како и нови закони во областа на заштита и спасување коишто во иднина ќе придонесат за подобро справување со кризни моменти како оној со сообраќајката во Ласкарци.“

Малку подетално за тоа кои Закони ќе претрпат измена во својот текст, ни кажа директорот  на Дирекцијата за заштита и спасување.

„Законот за заштита и спасување, Законот за противпожарна заштита, Законот за пожарникарство, Критичната инфраструктура.“ кажа Аднан Џафероски, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.

Додека државата се насочува кон обука и доедукација на вработените во службите, обнова чека и инфраструктурата. Најстарото противпожарно возило во скопската бригада датира од пред речиси половина век. Најновото возило е купено во 2005-та година. Просечната старост на скопските пожарникарски возила е 29 години.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ