
Коѕијас: Продолжуваме со преговорите
„Продолжувам, со мирна совест и одговорност, да преговарам за доброто на татковината“, напиша грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕијас на Твитер, по вчерашните протести во Атина. Со ова го потврди ставот дека владата нема да биде под влијание на демонстрациите, во нејзината одлука за решавање на спорот со името.
Протестите се демократско право, но не треба да влијаат на преговорите, смета вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи. За тешките прашања, предизвиците на патот се нормални, дадава тој.
„Тоа што е важно е дека имаме влади кои се определени да најдат решение. Тие треба да останат мирни и истрајни во изнаоѓање на решението, независно од предизвиците со кои ќе се соочиме на патот. Сега е време на носење праведни одлуки, а не лесни одлуки“, вели Османи.
Вчерашните протести за Ципрас биле под очекувањата на организаторите, кои најавуваа масовност, што за Ципрас останала само нивна пуста желба. Оние кои останале дома, знаат дека важните прашања од надворешната политика не се решаваат со фанатизам и нетолеранција, смета грчкиот премиер.
И странските медиуми се на речиси ист став за апсурдноста со протестите што ја прави Грција. Германски Шпигел го пренесува ставот на професорот за Источна Европа, Штефан Требст, кој вели дека Грција е членка на НАТО и на Европската унија со години, и поради тоа стравот за нејзината безбедност, по решавањето на проблемот со името со северниот сосед се неосновани.
И Фајненшал Тајмс забележува дека угледни личности од грчкото општество биле дел од демонстрациите, и извикувале националистички пораки. Пишува дека во првите редови биле конзервативни политичари, десничарски популисти како и митрополити.
Различни се бројките за масовноста на вчерашниот протест. Според полицијата насбрани биле 140 илјади, а организаторите тврдат дека имало 1,5 милион луѓе.
Алиса Шутиноска