Телма репортажа – Пусти села, празни избирачки места

На само 15 километри од центарот на градот, близу Зелениково во подножјето на Китка се наоѓа селото Градовци. Мало, речиси напуштено село, заборавено од сите. Мештаните,  од година на година се се помалку. Следната недела на претседателските избори нема да можат да гласаат во старото селоско училиште каде што од осамостојувањето на државата гласале. Причина за тоа е одлуката на ДИК да не се отворат ибирачките места на кои се запишани помалку од десет гласачи.

Бранко Кочиновски, еден од ретките жители на Градовци вели дека дека постојано им се менуваат локациите за гласање. Неколку негови соседи гласале на изборно место лоцирано во селото за разлика од него која порано за да го оствари своето гласачко право одел до селото Зелениково, а на престојните избори ќе оди на сосема друго изборно место.

Во Градовци не било секогаш пусто. Бранко, кој целиот живот го минал тука, се сеќава кога тој учел во ова училиште кое тогаш имало околу 200 ученици. На почетокот на осумдесетите години од минатиот век селото почнало да се празни, луѓето масовно се отселувале кон Скопје, за сега во него да живеат десетина пензионери.

 Слично е и во селото Говрлево, кое се наоѓа во подножјето на Водно. Тука, според официјалниот избиорачки список се регистрирани само 3 гласачи. Селото има  десетици куќи, но за жал не и жители. Главно се викендички а патишта служат само кога некој сака да дојде за викенд да се одмори.

Тука ја сретнавме Пауна Стефковска. Една од ретките која останала во Говрлево со нејзиниот сопруг Бранко. Децата се во Скопје, и некогаш доаѓаат да ја посетат.

Пауна на шестите претседателски избори ќе гласа на 5 километри од својот дом, во основото училиште Драга Стојановска во кое се наоѓа во соседното село – Долно Соње бидејќи нејзиното старо гласачко со број 2418 нема да се отвори.

ДИК неодамна објави дека во државата има 82 избирачки места распоредени во 28 општински изборни комисии, каде запишаните избирачи нема да можат да го остварат своето право на глас во местото на живеење затоа што се запишани помалку од 10 гласачи. Од, таму велат дека секој циклус на избори расте бројот на избирачки места кои не се отвораат бидејќи на нив нема кој да гласа.

Теодора Цветковска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ