Агенција за вработување – Македонците бараат работа, но дали сакаат да ја најдат?

Бараат ли Македонците работа, а всушност не сакаат да ја најдат. Дури 70 отсто од пријавените невработени, кога ќе добијат покана од Агенцијата за вработување, воопшто не ни доаѓаат на интервју кај работодавачите, а и оние малку што ќе отидат, ја одбиваат работата, ниската плата е една од причините. Легална работа некои одбиваат и бараат на црно затоа што ги гонат извршители, кои ќе им ја земат платата.

70 отсто не доаѓаат на интервју, бидејќи не е задолжително, односно Законот не вели дека ќе бидат тргнати, односно избришани од евиденција. Од тие 30 отсто што ќе дојдат на интервју, половина од нив одат на интервју кај работодавачите, и најчесто се случува и тие што ќе отидат кај работодавачот, да не ја прифатат, односно да ја одбијат понудата за работа. Причините се различни, најчесто не им одговараат местото, смената или платата, вели директорката на Агенцијата за вработување Билјана Николовска.

За недовербата на невработените се виновни и фирмите, објавуваат огласи, а веќе си нашле работници.

Ако има објавено работно место, а работодавачот однапред го има пронајдено лицето што ќе го вработи, невработениот кога ќе го види огласот и ќе се јави кај работодавачот, тој им вели дека тоа работно место веќе е пополнето, или веќе е направен избор. И невработеното лице веќе ја губи довербата кон нашата институција, вели Јовановска.

Од вкупно 190 илјади регистрирани невработени, дури половината се пасивни, па нив Агенцијата воопшто не им ни бара работа, се додека не кажат дека навистина им е потребна. Светска банка алармираше дека дури 50 отсто од населението е неактивно и не излегува на пазарот на трудот. Дали тоа се луѓе што се иселиле или работат во сивата економија, Агенцијата нема податоци, работи само со доброволно пријавените.

Законот вели дека активните баратели се пријавуваат еднаш месечно, а пасивните на 6 месеци. Е сега, во периодот од тие 6 месеци, дали пасивниот барател излегува некаде, работи сезонски, па се враќа, веќе тоа не го знаеме, вели Јовановска.

Преку неколку мерки, оперативниот план за вработување годинава опфаќа 8.500 лица. За преквалификација се бара сметководство, нега на стари лица и деца, чевлари, тапетари, некогаш и за конкретна фирма, за што месечно на невработените им се плаќаат по 9 илјади денари. И високообразовани се обучувале за занаети за полесно да се вработат. Од планирани 4.740 лица за обуки за 2019, досега се пријавиле 1.300, од кои 500 млади.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ