Морбилите уриваат рекорди – регистрирани најмногу заболени за една недела

Минатата недела епидемиолозите запишале рекорден број на новозаболени од морбили, во споредба со сите претходни недели. 126 луѓе се заразиле со вирусот, соопштија од Институтот за јавно здравје. Дел од нив се задржани во болница, а дел се лекуваат дома. Со овие нови случаи, вкупниот број на заразени стигна до 960.

„Повеќе од половината се деца на возраст до четири години меѓутоа имаме и висок број на заболени коишто се од повозрасните групи, над возраст од 30 години.“ кажа Владимир Микиќ, епидемиолог во Институтот за јавно здравје.

Во вкупниот број на болни од морбили се смета и медицинскиот персонал, матичните лекари и специјализантите кои додека ги лекувале луѓето – и самите тие се разболеле од морбили. Повеќето и од нив не примиле вакцина МРП или се уште не се вакцинирале и со втората доза.

„Водиме евиденција и за медицинскиот персонал. Повеќе од 100 лица се пријавени дека се заболени од мали сипаници. 60% се од Скопје меѓутоа имаме и доста висок број на заболени медицински лица и од другите градови. Повеќе од 60% од медицинските лица се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или се уште немаме проверено податоци за нивниот вакцинален статус меѓутоа одреден број се вакцинирани.“ кажа Владимир Микиќ, епидемиолог во Институтот за јавно здравје.

На Инфективна се зафатени 43 кревети моментално. Вчера дошле 11 луѓе на преглед, а дел од нив се задржани во болница. Неколку од пациентите на Инфективна се со потешки компликации предизвикани од вирусот.

„Моментално, во болнички кревет и во потешка состојба на Клиниката за инфективни болести е еден возрасен пациент којшто има нарушување на белодробната циркулација. Дополнително, три деца на одделение се во потешка состојба, поради компликации од малите сипаници.“

Епидемиолозите потврдија дека епидемијата ќе потрае. За да соопштат дека таа завршила, од Институтот за јавно здравје ќе треба да почекаат да поминат два инкубациони периоди од последниот случај на заболен со малите сипаници. Тоа е период од најмалку четири недели.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ