Економскиот директор на детската клиника се разболе од морбили – епидемијата се шири

И економскиот директор на детската клиника е на боледување затоа што се заразил со морбили. Покрај директорот Ридван Ибраими, уште три медицински сестри на клиниката исто така се разболеле од морбили, ни потврди директорката Катерина Ставриќ. Сите биле вакцинирани, но сега имаат морбили по допир со пациенти иако тоа не може со сигурност да се каже за економскиот директор кој пак работи само во финансискиот дел.

Докторката Ставриќ во телефонски разговор ни рече дека епидемијата на морбили се шири што е евидентно од бројот на заболени кој не се намалува. Се повеќе пациенти со морбили завршуваат и на клиниката за детски болести од каде ги препраќаат од инфективната клиника каде нема место. И денеска имало таков случај кога мајка со дете, и двајцата болни од морбили биле испратени во детската клиника. На детска има 11 пациенти болни од морбили сите доенчиња помали од една година.

Во последно време тренд е да се примаат и мајки и бебиња заболени од  мали сипаници, а невакцинирани. Директорката Ставриќ ни рече дека досега има најмалку три такви случаи. За проблемите со сместувањето на најмалите пациенти заболени Ставриќ вели дека се консултираат со инфективната клиника и преку договор се обидуваат да ги надминат проблемите. Треба да се отворат повеќе оддели за болните бидејќи капацитетите за разболени од морбили се премалку, а епидемијата не стивнува, објаснува Ставриќ.

Една од забелешките на пациентите на детска е и што таму има само оддел за доенчиња, а на клиниката остануваат и децата кои се нивни пациенти од други болести, но во меѓувреме се разболеле од морбили. И тие деца остануваат да се лекуваат на клиниката, а не се префрлаат на инфективна.

Единствено решение е вакцинацијата, тврди Ставриќ и апелира МПР вакцините да се примаат редовно, а истото да го сторат и родителите и возрасните кои не се вакцинирани.

Миомир Серафиновиќ

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ