
Продолжуваат преговорите за СЈО
Продолжуваат преговорите на работните групи за СЈО. Премиерот Заев е убеден дека за кратко време може да се постигне компромис затоа што ваквото законско решение е клучно за евринтеграцијата и судските реформи во државата.
Прислушуваните материјали ќе бидат докази во постапките кои се покренати во период од 18 месеци по формирањето ан обвинителството.
Заев вели дека 70% од прислушуваните материјали се приватни разговори кои не содржат елементи на криминал.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека треба да им се даде простор на работните групи да се договорат за сите спорни одредби за да може законот да се донесе со широк консензус со што СЈО ќе добие легитимитет.
Во меѓувреме се зголемува и притисокот од меѓународниот фактор за продолжување на работата на СЈО околу досегашните истраги, обвиненија и случаи.
Шведскиот амбасадор Матс Стефансон денеска се сретнал со специјалната обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим.
Шведска и другите земји членки на ЕУ одблиску ги следат преземените чекори за измените на законот за СЈО, со кои тоа би станало постојан дел на правниот систем и во иднина би требало да има проширен мандат за делување со други случаи на корупција на високо ниво.
“Договорот од Преспа со Грција кој беше неодамна ратификуван, еднаш засекогаш го решава долгогодишното ‘прашање со името’, покажувајќи на светот дека Балканот може да генерира стабилност и позитивна енергија. Сепак, сеуште постои силна потреба за справување со корупција на високо ниво и за истражување на бројните индикации за злоупотреба на моќ, кои произлегуваат од снимените комуникации.” – вели во писмената изјава Стефансон.
Јулијана Пешевска