
Партиското седиште замрзнато, ентериерот оди преку донации
За лустерите кои од партиското седиште биле донирани во црквата во Љубанци, денеска од ВМРО-ДПМНЕ не излегоа со коментар ниту одговорија на прашањата поврзани со нивната цена, начинот на набавката и терминот на донацијата во црквата.
Пратеникот Јохан Тарчуловски ги објави фотографиите од партиските лустери закачени во црковни простории со благодарност до партијата. Лустерите набавени во странство беа дел од ентериерот на новото здание на партиското седиште. Зградата позната и како белата палата е замрзнат имот од ноември по барање на СЈО во рамките на случајот „Талир“. Од СЈО велат дека попис на внатрешниот инвентар не е направен ниту замрзнат. Оттаму не ја исклучуваат можноста по евентуална судска пресуда со досудена отштета да бараат и одземање на предметите кои се во партијата или се донирани.
Од партијата не прецизираат колку работи од седиштето донирале и на кого. Во случајот „Талир“ се обвинети повеќе партиски функционери за нелегално финансирање и за незаконска изградба на белата палата.