Осудените за крвавиот четврток бараат милост кај Иванов- оттаму не откриваат кој барал помилување

Во кабинетот на Иванов во петокот попладне стигнало уште едно од повеќето барања за помилувања, ни одговорија од прес службата на претседателот на прашање дали имаат барања за помилувања на осудените за крвавиот четврток.

Од кабинетот не прецизираа кој го доставил барањето, колку вкупно барања има и за кои осуденици од 27-ми април се поднесени барањата за помилување.

Неофицијално од адвокатски извори дознаваме дека роднини на осудените минатата недела при нивните посети во Шутка, барале осудениците да се потпишат на овој документ доставен до Иванов.

Во текот на минатата недела до кабинетот на претседателот е испратен и допис со кој адвокати на дел од осудените бараат Иванов согласно Уставот и законите да спречи селективен прогон откако за 27-ми април, десетина обвинети меѓу кои и пратениците кои ги отворија собраниските врати беа амнестирани.

Дел од осудените веќе барале наместо во притвор во Шутка, до правосилност на пресудата и одлука по нивните жалби да почнат да ја издржуваат казната во затвор. Трансферот го бараат поради подобрите услови кои ги има во затворите во кои не важат ограничувањата од притворот. Сите најавуват жалби на казните изречени од судот, но досега не ја добиле пресудата од процесот.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ