
Ромите собираат потписи – бараат правична застапеност со закон
Ромските граѓански организации повеќе нема да чекаат друг да им ги реши проблемите. Собираат потписи, со кои ќе поднесат граѓанска иницијатива за правична застапеност во сите сегменти на општеството. Велат дека, максимата „Едно општество за сите“ треба да важи и за нив.
Ромите реагираат дека, нивните проблеми, а особено институционалната дискриминација е на исто ниво и покрај големиот број на проекти и донесени стратегии.
На свеченоста што се одржа во Собранието, премиерот им вети закон, но за решавање на статусот на непријавените.
Паралелно со овој закон, се менува и законот за матична евиденција, со што ќе се овозможи управна постапка за водење на посебна книга за евиденција на овие лица. Вицепремиерот, пак, рече дека Ромите се најголемата група граѓани во светот која е присутна секаде, но никаде не е и доволно прифатена и заштитена.
Според податоците од последното регионално истражување за положбата на Ромите, само 21 отсто од нив се вработени во однос на 40 отсто од нивните соседи од другите етнички заедници. Итовремено, 71 отсто од Ромите работат непријавени, додека кај останатите тој процент е 17.Се` уште важат за најсиромашната и најнеобразована популација, како кај нас, така и во светот.
Далиборка Дамјанска Цветановска