
Во Ново Село како да нема локални избори
Шести ден предизборна кампања во општина Ново Село. Покрај претседател, во оваа погранична општина во Југоистокот ќе се избира и нов градоначалник. Но мирната атмосфера во селото не навестува дека овде се случува политичка битка за иден градоначалник. По улиците на селото, по излозите не забележавме ниту еден плакат на кандидатите за градоначалници. Движејќи се наидовме на предизборниот штаб на еден од кандидатите, и тоа е се. Жителите на Ново Село велат дека им треба искрен, чесен и вреден градоначалник.
Оваа општина во моментов егзистира од земјоделие, но и од туризам. Особено од гостите од соседна Бугарија кои доаѓаат на пазар или во посета на рестораните.
Во оваа општина изборот на иден градоначални ќе биде помеѓу бизнисменот Никола Андонов од Сдсм, кој бара втор мандат по раководењето со општина од 2005-2009, а Николче Стоилков од ВМРО ДПМНЕ, царински службеник.
Изборите во Ново Село се одржуваат по оставката на Боро Стојчев, кој лани во јули беше уапсен во обид за шверц на цигари заедно со членови на неговото семејство преку македонско-бугарската граница. За овој случај Стојчев беше во затвор шест месеци.
Сузана Мицева