
Колективен договор и подобри услови или секојдневни протести најавија од шумската полиција
Итно потпишување на колективниот договор и подобри услови за работа или протести и блокади најавија од независниот синдикат на шумската полиција на на денешниот протест, седми по ред.
Од синдикатот нагласија дека веќе две години чекаат да се спроведе најавениот колективен договор со што би имале повисоки плати, бонуси и бенефициран стаж.
Тврдат дека работата во мизерни услови, со стара и дотраена опрема и униформи и со исклучително ниски плати кои изнесуваат околу 16 илјади денари.
Тие го потсетија министерот Љупчо Николовски на изјавите и ветувањата кои ги даде во времето кога беше технички министер за земјоделство и кои не се исполнети до денеска.
Најавија дека, доколку не им се исполнат барањата, од следниот месец ќе почнат со секојдневни протести пред полициските станици на шумската полиција, шест пункта и во Скопје.
Од министерството за земјоделство пак велат дека преговорите со независниот синдикат и УПОЗ ќе продолжат по претседателските избори и дека го очекуваат текстот од колективниот договор кој им бил вратен на доработка.
Во шумската полиција се вработени 412 службеници од кои 362 се членови на независниот синдикат но и покрај тоа, тие не се репрезентативен синдикат бидејќи се чека на потврда од министерството за труд и социјална политика.
Од министерството соопштија дека шумската полиција била опремена со компјутери и дека наскоро ќе се објави тендер за набавка на нови униформи.
Огнен Чанчаревиќ