Постои опасност да се надмине рекордот на починати од грип

Новопочинати од грип – пет на број во изминатата недела. Само двајца од нив имале претходни здравствени потешкотии и редовно се јавувале на лекар заради некои хронични болести. Останатите имале тешки компликации, но откако се заразиле со вирусот.

„Се работи за тешки, масивни бронхопневмонии и кардиоваскуларна инсуфициенција, односно откажување на кардиоваскуларниот апарат“ кажа Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје.

Пациентите биле од различни места од земјата, но сите починале на скопските клиники. Тројца биле приклучени на апарати на Инфективна и таму не успеале да се изборат со тешките компликации. Онаму каде што се испраќаат потешките случаи кои не можат да се излечат на Инфективна, КАРИЛ, е местото кадешто починале другите двајца. Болните немале примено вакцина за така да се заштитат од заразата, ниту пак отишле на доктор веднаш штом почувствувале дека се разболуваат.

„Луѓето честопати имаат и некоја друга хронична болест во позадина меѓутоа навремената дијагноза е исклучително важна“ кажа Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје.

Со новите пет жртви, вкупниот број на починати од компликации од грип се искачи на 28 во последните неколку месеци. Пред десетина години, лекарите од Институтот за јавно здравје имаат запишано најмногу починати од грип. Тогаш починаа 30 луѓе.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ