
Родители сакаат незадолжителна имунизација – властите се закануваат со непримање на децата во градинките и училиштата
Граѓански здруженија бараат – вакцинацијата од задолжителна да стане препорачлива. Потпишале иницијатива за промени во Законот за здравствена заштита од заразни болести, и таа денес се најде на комисиска расправа за која немаше кворум и не се одржа.
Потпишувачите на иницијативата тврдат дека тие не се антиваксери, туку само сакаат да имаат право како родители да одлучуваат за здравјето на своите деца.
„Се борам за своето право, да го одржам своето право јас да изберам како родител – дали ќе го вакцинирам сопственото дете или не, и кога ќе го вакцинирам“ кажа Елена Павлеска, предлагач на иницијативата.
Родителите кои ја потпишале иницијативата, 129 на број, се сомневаат во квалитетот на вакцините. Бараат да знаат повеќе – со какви вакцини нивните деца добиваат имунитет.
„Од каде доаѓа, што доаѓа, да биде сигурно, што содржи внатре во вакцините“ кажа Елена Павлеска, предлагач на иницијативата.
Министерот за здравство е запознаен со намерата на родителите кои се решија да предложат измени на Закон. Им одговори конкретно и недвосмислено. Вакцинацијата мора да биде задолжителна.
„Не може волјата на родителот да биде посилна од правото на детето да биде здраво, а притоа не може со една индивидуална постапка да се загрозува и колективното здравје коешто е над се“ кажа Венко Филипче, министер за здравство.
Филипче им се закани на родителите – или детето ќе прими вакцина или тие самите ќе сносат последици.
„Нема да дозволиме ниту едно невакцинирано дете да биде запишано во училиште, ниту во градинка“ кажа Венко Филипче, министер за здравство.
Оние кои ја потпишаа иницијативата за промена на Законот, налутени си заминаа од Собранието. Седницата на Комисијата беше презакажана за после изборите.
Најпрво ќе се избере нов Претседател на државата, а потоа претседателот на Комисијата ќе закаже да се дискутира иницијативата – на 6 или 7 мај.
Петар Догов