Третина од луѓето сакаат да се лечат во приватни болници

Луѓето се повеќе го доверуваат здравјето во рацете на лекарите од приватните болници. Станува збор за третина од здравствените осигуреници во земјата. Околу 1.900.000 лица имаат опција да одберат дали ќе отидат во јавна здравствена установа или пак ќе платат да се лечат во некои од големите приватни болници. 600.000 од нив сметајќи дека ќе добијат подобра услуга во приватните, се одлучуваат и на поголем трошок за себе – открија од Институтот за јавно здравје, на четири дена пред Светскиот ден на здравјето.

„Во Република Северна Македонија, според невладината организација ЕСЕ, 35% од населението троши средства од сопствен џеб“ кажа Шабан Мемети, директор на Институтот за јавно здравје.

Надлежните ја повторија и старата болка на македонскиот здравствен систем. Велат, има 250 лекари на 100.000 жители. Освен згради и инфраструктура недостасува и кадар кој би работел. Министерот Филипче прави математика – како да го намали недостатокот на кадар кој е најмногу заради иселувањето на младите лекари кои се едуцираат овде, но планираат знаењето да го искористат некаде во странство. Министерот ветува дека со егзодусот на млади сили ќе се бори така што ќе ги вработува во различни служби.

„Ние правиме се што можеме за да го зајакнеме системот – како во однос на набавка на опрема и возила, така и во прием на доктори и медицински сестри. Сега се предвидува прием на нови 40 доктори во Здравствениот дом во Скопје, а веќе од септември 250 млади доктори коишто ќе добијат лиценца, ќе добијат платена работа во службите на примарно ниво: за итна помош, за вакцинација и за патронажни сервиси“ кажа Венко Филипче, министер за здравство.

Освен секторите од здравството каде што фали кадар, проблем за надлежните е и онаму каде истиот не е добро распореден. Здравствените власти прават план како да ги натераат гинеколозите да покриваат повеќе реони, да се менуваат и да даваат услуги на жените во помалите места кај кои нема матични, од различни причини.

Петар Догов

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ