
Кандидатите може да потрошат 3,3 милиони евра за својата кампања
Секој од тројцата претседателски кандидати има право да потроши околу 3,3 милиони евра за својата кампања. Тоа им го овозможува Изборниот законик, кој предвидува трошоци од 110 денари за секој од милион 808 илјади запишани во Избирачкиот список. Ова се први избори во кои кампањата ќе биде покриена од државата. Затоа, лупата на Заводот за ревизија ќе биде поголема.
Претседателските избори и улогата на ревизорите била една од темите за кои се разговарало со вицепремиерот Османи. Тој вели дека е време да покажеме дека освен носењето закони, инсистираме институциите да покажат резултати во своето работење.
Медиумската кампања на кандидатите за претседател ќе биде целосно финансиски покриена. Сепак, партиите што ги поддржуваат, отворија посебни сметки, на кои ќе се слеваат членарини и донации. Физичко лице може да донира до 3 илјади евра, а правно лице, до 30 илјади евра. Доколку не бидат потрошени за оваа намена, треба да им бидат вратени на донаторите. Сите приходи и расходи треба да бидат ставени во финансискиот извештај, кој ќе се објави во рок од три месеци по објавувањето на конечните резултати, а Заводот за ревизија има рок од 60 дена да подготви сопствен ревизорски извештај. Извештајот за референдумот, како тест за контролата на новиот начин на финансирање на партиите, ќе биде објавен по претседателските избори.
Соња Николовска