ФПСМ тврди дека планинарскиот дом Матка не е сопственост на МПЦ-ОА

Планинарите од Федерацијата на Планинарски спортови на Република Македонија негира дека планинарскиот дом Матка и припаѓа на МПЦ-ОА, како што тврдеше Архиепископијата со објавениот имотен лист.

„На тапијата во 1931 јасно се гледа дека на парцелата која што припаѓа на Манастир Св. Андреа постои само една градба – Црква Манастир Св. Андреа. Во тапијата никаде не се споменува дека црквата Св Андреа е сопственик на било каков друг објект. Планинарскиот дом е изграден во 1939, ама интересно е што вие тврдите дека имате тапија и за него, уште не изграден! Никаде на тапијата како сопственик не стои ниту името на МПЦ ОА! Во решението кое исто така го даваме во прилог на јавноста, јасно стои дека само Манастирот Св Андреа е прогласен за културно наследство на РМ, не но и Планинарскиот дом како што тврдите“, се вели во соопштението на ФПСМ.

Од ФПСМ велат дека презентирале десетици оригинални документи, изводи од Катастар, решенија, фотографии и списи и обвинуваат дека МПЦ ОА во соопштението за јавност истакна само две работи: дека нема намера да дебатира и дека си имаат тапија за имотот.

„Бидејќи не сакате дебата, ние во наредниот период ќе мораме сами да  ја информираме јавноста, дека етапно ќе објавуваме материјали и докази кои покрај изнесените оригинални документи до крај ќе го расветлат случајот. Јавноста ќе може да види дали конкретни лица од МПЦ-ОА вложиле над човечки напори за промена во Катастарот, дали едно лице вешто сокривало валидни документи пред надлежни органи, како се вршело притисок врз институциите а во името на вербата во Бога, и крајно како се замолувале одредени медиуми да не информираат за проблемите на планинарите…. За сите овие наводи постојат релевантни докази кои ќе биде од витално значење да се споделат со верниците“, тврдат од Федерација на Планинарски спортови на Република Македонија.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ