
Фич го подобри изгледот за Македонија, експертите велат – има уште многу работа
Рејтинг агенцијата Фич го подобри изгледот на Македонија од негативен во позитивен, и го потврди ББ кредитниот рејтинг за земјава.
Главни причини се стабилизирањето на домашната политичка ситуација и подобрените клучни меѓународни односи, по пролонгираната политичка криза од 2014 до 2017. Коалиционата влада предводена од Социјалдемократите, заедно со партијата ДУИ на етничките Албанци постигнува напредок во Планот за реформи 3-6-9, кој има за цел да ги помести политиките кон пристапување во ЕУ и НАТО и да ја унапреди независноста и транспарентноста на јавните институции. Општинските избори во октомври му дадоа на СДСМ силен мандат. Канцеларијата на специјалниот обвинител ги испитува наводите за нелегални прислушувања, се вели во извештајот.
„Владата ги рестартираше преговорите со Грција под покровителство на ОН во врска со спорот околу официјалното име на Македонија. Дипломатските сигнали се позитивни, но Македонија ќе мора да направи компромис за своето име со цел да го отклучи пристапот во НАТО и ЕУ. Македонија се надева дека во следните месеци ќе добие позитивна препорака од Европската комисија до Советот на ЕУ за датум за отворање на преговорите“, се вели во образложението.
Од Фич како позитивно го оценуваат намалувањето на буџетскиот дефицит и владините планови тој тренд да продолжи, а за јавниот долг се вели дека изнесува 47,4 отсто од БДП, што е прво намалување откако по девет години.
Извештајот на Фич на својот фејсбук профил го објави и министерот за финансии Тевдовски, вели – тој е најдобра потврда за реформите и кредибилноста на фискалната политика.
Експертите, пак, со став – ова е само предзнак дека ако се продолжи со позитивната политичка клима и умереното управување со јавните финансии, ќе има прогрес.
„Се уште сметам дека не би требало да го земеме овој чекор на подобрување на кредитниот рејтинг како нешто што ќе донесе веднаш денеска одредени резултати, туку е само поттикнување за власта да продолжи да работи и да ги артикулира негативните работи кои се уште стојат во извештајот на агенцијата, но и во целосната економија, што уште не ги дава резултатите“, вели Битичи.
Малку е направено во делот на владеење на правото, вели Битичи, уште немаме видено ни еден закон кој би ги отстранил административните бариери во стопанството, иако поминаа седум месеци. Затоа и не очекува зголемена заинтересираност на инвеститорите.
„Домашните компании продолжуваат да се соочуваат со проблемот на неликвидност и несигурност во нивното работење, особено од аспект што оваа Влада покажа знаци на неможност да се справи со големите прашања, како што се даночните политики или други промени на законите, гледаме дека речиси секој месец имаме најава за промена на одреден закон и потоа негово повлекување или одложување, и во таква состојба не може да се очекува дека оние што сакаат да инвестираат, ќе влезат во инвестиции. Владата има уште многу да направи за да очекуваме некаков инвестициски бум“, вели Битичи.
Невработеноста е висока, 22 отсто, но е во опаѓачки тренд. Од Фич очекуваат растот на БДП да се врати на 3,1 отсто оваа и 3,3 проценти во 2019 година.
Експертите се согласуваат со предупредувањето од Фич за клучните ризици, а тоа е евентуално повторување на политичката нестабилност.
Нина Нинеска-Фиданоска