
Затвореници од Идризово: Амнестии за пари и по пријателска линија?
Амнестирани, но се уште зад решетки. Пријателски релации, а не судските решенија за амнестија одлучуваат кој прв ќе излезе од затвор, обвинуваат затвореници во Идризово. Тврдат дека и покрај решението неоправдано со денови се оставени да чекаат да го почувствуваат вкусот на слободата, бидејќи управата на затворот ослободува преку ред. Обвинуваат и дека за да излезат на слобода, им бараат и пари.
Од Управата за извршување санкции демантираат. Велат, да не се мешаат барањето за амнестија и судското решение. Сите барања од сите затвори во државата до судот биле доставени во понеделник, а судските решенијата за амнестија се реализираат веднаш штом ќе пристигнат, без исклучок. Доколку пак некој вработен во затворот им побарал пари, веднаш да го пријават во управата.
„Апсолутно нема пуштање затвореници преку ред. Во затворот во Идризово вработените ноќеска останале после 13 ч. за да ги пуштат сите за кои пристигнале судски решенија. Барањата до судот сите затвори ги испратиле во понеделник, и како доаѓаат решенијата што ги изготвуваат судовите, така вработените во затворите остануваат прекувремено за да ги реализитраат. Тој што тврди дека му биле побарани пари, веднаш да пријави“, ни изјави директор на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ.
Стојановиќ објаснува и дека пролонгирање може да се јави единствено кај затвореници кои се странски државјани, бидејќи пред да ги ослободат мора да се координираат со секторот на МВР, со кој ќе договорат како затвореникот ќе се транспортира назад во матичната држава.
Со амнестија ќе бидат опфатени над 2.500 затвореници од десетина казнено-поправни установи. Најмногу, односно проближно петсотини се од Идризово.
Весна Јовановска – Дојчиновска