
Преминот Клепало надеж за пустото Берово
Туристичко Берово живее само за викендите, од понеделник до петок низ улиците е тивко и може да се види по некој жител.
Иселувањето на младите од Малешевскиот регион кон Скопје или странство го опустошија овој живописен крај.
Семејството на Владо Димовски е иселено во Германија и Англија, забележува дека секое утро кога оди кон својот камп нема на кого да му каже добро утро.
Но, отварањето на граничниот премин Клепало е нова надеж за жителите на малешевскиот регион, кој ќе им донесе повеќе туристи, но и нови фабрики.
Со пуштањето на овој премин до бугарската општина Струмјани се скратуваат вкупно 130 километри.
Искршени се прозорците на објектите на преминот Клепало, насекаде има отпад и се гледа дека овде со години никој ништо не санирал. Но, според надлежните до 2020 година овие објекти, каде што ќе бидат сместени македонските и бугарските гранични служби ќе бидат реновирани, а деновиве повторно почна и реконструкцијата и рехабилитацијата на патот од Берово до Клепало. Со 89 милиони денари се реконструира делницата , долга околу 16 километри.
Од бугарска страна, годинава треба да се асфалтираат последните километри од Струмјани до Клепало.
Инаку договорот меѓу двете страни за отварање на овој граничен премин е потпишан пред 26 години, но и за премините Црната скала кај Делчево и Ајдутски кладенец кај Пехчево
Викторија Јованова