
Изгореа две куќи во Охрид и струшко Октиси
Во Преспа и НП Галичица вчера изгореа неколку стотини хектари шума и ниска вегетација, во Охрид невнимателен земјоделец запали две куќи, а уште две изгореа во струшко Октиси, заедно со неколку хектари шума. Во Дебрца огнот проголта електричен столб и голем приватен имот.
Трската покрај Охридското Езеро непрекинато гори повеќе од еден месец. Најчесто пожарите на отворено настануваат од палење стрништа на отворено, но поради сушата и ветрот тие брзо и неконтролирано се шират, а предизвикувачите без да пријават бегаат. Штетите се огромни.
Казните за предизвикување пожари се големи, но не се изрекуваат. Надлежните институции целосно потфрлија, недостигаат нспектори за пожар, не се преземаат ниту превентинвни ниту репресивни мерки, што ги охрабрува неодговорните граѓани, се жалат пожарникарите.
Со застарен возен парк, од кој дел во служба е над 45 години и недоволен број квалитетно обучен кадар, противпожарните служби се ставени на раб на издржливост. Благодарение на големата одговорност и натчовечки напори што ги вложуваат успеваат да спасат што може да се спаси. Но трендовите се лоши, а периодот на топло време допрва доаѓа. Доколку нешто итно не се преземе последиците можат да бидат катастрофални, предупредуваат пожарникарите.
Горан Момироски