
Охрид SOS тврди дека општината планира да урбанизира повеќе атрактивни локации
Општина Охрид во нетранспарентна постапка преку советот за претстојната 26 седница, што ќе се одржи идната седмица, со наводна легализација на бесправно изградени објекти планира да урбанизира повеќе атрактивни локации обвинува неформалното еколошки движење Oхрид SOS.
Во соопштението испратено до медиумите изнесени се сериозни обвинувања дека всушност станува збор за парцели кои според катастарската евиденција воопшто не се водат како градежно земјиште, дел од нив се во заштитено подрачје на Студенчишко блато и НП Галичица за што се потребни посебни дозволи од МЖСПП, а барем на една од парцелите нема изградени објекти.
Зачудува како земјиште во сопственост на Република Македонија, во Трпејца, кај авто-кампот „Андон Дуков“, во Велестово и на други локации каде нема изградени објекти се става во категорија „вклопување на бесправно изградени објекти“, а уште повеќе, некои од катастарските парцели се наоѓаат на самиот брег на Охридското Езеро и во Националниот парк Галичица, на атрактивна местоположба, се вели во соопштението на Охрид SOS.
Oхрид SOS во соопштението ги обвиниува општината и владата дека не ги почитуваат препораките на УНЕСКО за мораториум на градење и спречување на неконтролирана урбанизација во заштитените зони на крајбрежјето со што единственото светско природно наследство во земјата се доведува во опасност да биде ставено на Листата на загрозени подрачја.
Охрид СОС лиферува полувистини и невистини, велат од општина Охрид. Тврдат дека процесот на легализација се одвива строго според законот и се почитува мислењето на соодветните државни институции, вклучително и за заштитените зони.
Документацијата за објектите кои се легализираат е јавно достапна и секој кој се сомнева во неправилности во процесот, може да ја погледне, а доколку има сомневања за неправилности, треба да постапат соодветните институции, но исто така тоа треба да биде случај и доколку се пласираат невистинити информации, додава Џамтоски
Телма се обиде да добие изјава и од Oхрид SOS, но не добивме одговор на испратениот e-mail.
Горан Момироски