
Новото име на државата влегува во учебниците во Северна Македонија и во Грција
Доколку роковите за новата учебна година тоа го дозволуваат можно е учениците идната година да ја започнат со книги во кои името Република Македонија ќе биде заменето со новото уставно име Република Северна Македонија. Од Владата за Телма, информираат дека тоа ќе зависи од техничите можности и во согласност со разумните административни рокови кои произлегуваат од Преспанскиот договор.
Истовремено портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, информираше дека не постојата рокови во кои мешовитата Комисија за историските прашања треба да ги ревидира содржините на учебниците во двете земји од иредентистички и други содржини неприфатливи за која и да е од страните. Сепак доколку некоја содржина наскоро биде усогласена, можно е таа да влезе во учебници и од идната учебна година.
Не постои притисок, но се разбира доколку нешто се усогласи и нешто усвојат на паритетна основа да важи и за Северна Македонија и за Грција и доколку роковите за новата учебна година тоа го дозволуваат и наставните програми – да, можно е да се сменат учебниците. Во овој момент не знаеме дали тие рокови тоа би го дозволиле, изјави, Миле Бошњаковски, портпарол на Владата.
Освен македонските ученици за Република Северна Македонија ќе учат и грчките. Заминик министерот за надворешни работи на Грција Маркос Боларис информираше дека во грчките учебници ќе се вклучи новото име „Северна Македонија“ за соседната земја, како што предвидува Договорот од Преспа.
Боларис одговарајќи на пратеничко прашање дали во грчките учебници постојат иредентистички наводи, одговара негативно, велејќи дека не постои иредентизам во грчките учебници, особено по 40 години во Европската унија книгите во Грција многу пати биле проверувани. Сепак Боларис истава простор за забелешки од македонска страна за содржината на грчките учебници.
Ние сме отворени доколку тие сакаат да дадат забелешки, ние сме тука да дискутираме за тоа врз основа на академска, научна, историска вистина признаена од меѓународната научна јавност, напишал Боларис.
Во меѓувреме мешовитиот експертски Комитет кој ќе ги усогласува историските содржини во учебниците во двете земји се подготвува за третиот состанок закажан за 12 и 13 април, на кој е најавено дека ќе се отворат суштинските прашања по учебниците за основно и средно образование
Македонската страна добила 37 пакети книги од кои се учи во Грција во основните и во средните училишта, а најмногу биле разгледувани учебниците по историја и географија за основно и средно училиште, како и по предметите етика и социологија. Неофицијално, забелешките на македонскиот експертски тим се напишани на 20 страници.
Тамара Грнчароска