
Надмудрување на релација ВМРО ДПМНЕ – Министерство за Правда за СЈО
Прифатени барања, принципи или само игра на зборови? ВМРО ДПМНЕ и министерството за правда, два дена се надмудруваат околу законот за јавно обвинителство, со кој треба да се реши и статусот на СЈО.
Вчерашното соопштение од министерството, во кое се вели дека, законот ги содржи сите меѓународни стандарди за заштита на човековите права, независноста, неутралноста, отчетноста и ефикасноста во борба со криминалот од страна на обвинителството, од ВМРО ДПМНЕ го протолкуваа како факт дека се прифатени принципите за кои се залага опозицијата и дека тоа е добра основа да се продолжи понатаму со преговорите.
Од министерството за правда, пак, тврдат дека никакви принципи не се прифатени, дека тие, како и меѓународните документи веќе се дел од законот, како и дека остануваат разликите во однос на СЈО.
жГи очекуваат амандманите на ВМРО ДПМНЕ и најавија дека почнуваат консултации и со БЕСА, Алијанса за Албанците и независната пратеничка група, преку кои ќе се обидат да обезбедат двотретинско мнозинство.
Пратеникот Зекир Рамчиловиќ вели дека се уште не добиле покана за преговори, но дека се подготвени да се вклучат во процесот. Не откри повеќе детали за ставовите околу законот.
Рамчиловиќ потврди дека вчера се сретнале и со Мицкоски, со кого, меѓу другото, разговарале и за СЈО, но ниту за таа средба не беше разговорлив.
Вчера премиерот изјави дека, преговорите не се пропаднати, дека може да се дојде до решение зад кое би застанале сите и дека до крајот на месецов може да се затвори ова прашање.
ВМРО ДПМНЕ бараат СЈО да стане дел од обвинителството за организиран криминал, бомбите да не се користат како докази во постапки почнати после 30 јуни 2017-та година, а Републичкиот јавен обвинител да се бира на предлог на опозицијата.
Далиборка Дамјанска Цветановска