И татковците ќе добијат породилно отсуство

Освен деветмесечното породилно отсуство за мајките – и татковците ќе добијат зелено светло да не доаѓаат на работа веднаш штом добијат принова во семејството. До крајот на годината,  во Собранието ќе се дискутира Законот за работни односи со изменет текст, а потоа пратениците ќе можат да го изгласаат. Сегашните правила не му дозволуваат на таткото да отсуствува од работа – а, со измените тој ќе може да искористи еден месец слободен.

„Да се додаде еден задолжителен месец за таткото којшто би се добил веднаш по раѓањето на детето и дополнителни три месеци коишто би влегле како родителско отсуство, меѓутоа непреносливи“ кажа Марија Башевска, Претседател на Здружението на граѓани „Реактор“ – истражување во акција.

Моментално таткото смее да седи дома и да го чува детето само ако мајката оди на работа и се откаже од породилно. Законите не дозволуваат и двајцата да користат платени слободни денови во исто време. Невладините истражувале и откриле дека ваквите работи различно функционираат во странство. Затропале на вратата на Труд и социјала со примерите од другите земји и бараат тие да се воведат и кај нас за да се искорени родовата нееднаквост.

„Намалување на родовите јазови коишто постојат во однос на вработеноста, во однос на платите, во однос на пензиите“ кажа Марија Башеска, од „Реактор“.

Во Македонија и порано имало обиди да се сменат Законите и нормите и да им се дозволи на татковците да можат да се грижат за децата непосредно по нивното раѓање. Но, тоа никогаш не се остварило. За бебето да не остане без родителска грижа во првите денови, мајката е приморана да не оди на работа.

„На Македонија и требаат раѓања на повеќе деца, но треба сите модели и мерки коишто се нудат да ги стимулираат мајките да раѓаат, а притоа тие да можат да учествуваат на пазарот на труд затоа што само така може да бидеме земја којашто е развиена и којашто се движи во нагорна линија или се движи кон европските земји“ кажа Мила Царовска, Министер за труд и социјална политика.

Работниците кои отсуствуваат од работното место поради бременост, раѓање или родителство имаат право да добиваат плата. Неплатено родителско отсуство, пак, им е овозможено на жените додека нивното дете да наполни три години. Тоа е со траење најмногу до три месеци.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ