
Трската на Охридското Езеро продолжува да се пали
Трската на Охридското Езеро продолжува да се пали. Пожари има на целото крајрежје каде има појас на трска. Само изминатото деноноќие се случија нови два големи пожари кај Подмолје и Калишта каде е уништена огромна површина на трска во литоралот на езерото.
Штетата е огромна, а последиците катастрофални, дотолку повеќе што постои сомневање дека една од главните причини за палењето на трската е приграбување на атрактивното земјиште за плажи и изградба на сместувачки капацитети, предупредуваат екологистите.
Палењето на трската, спорни и сомнителни градежни активности на целото крајбрежје беа причина државата да покрене постапка за одземање на ингеренциите над плажите на Охридското и другите езера во земјата. Општина Охрид најави дека ќе ја почитува таквата одлука, а Струга се уште смета дека тоа е погрешен потег. Според градоначалникот Мерко, не само што не треба да се одземаат веќе стекнати надлежности, туку треба да се пренесат и други, со што ќе се зголеми заштитата на крајбрежјето.
И додека централната и локалната власт се надмудруваат околу надлежностите и ингеренциите, на терен продолжува уништиувањето на животната средина. Државниот инспекторат веќе една недела врши мониторинг на охридско струшката ривиеара, но засега не соопштува што утврдила инспекцијата. Зголемениот број на пожари ја активира и полицијата која формира посебни тимови кои работат на оваа проблематика. Но до денес тие на лице место не затекнале ниту еден потпалувач и не е поднесена пријава за континуираното опожарување на трската и безмилосно уништување на природата.
Горан Момировски