Власта му дава шанса на дијалогот со опозицијата

Власта му дава нова шанса на дијалогот. СДСМ и ДУИ веруваат дека разговорите со ВМРО ДПМНЕ околу новиот Закон за обвинителството треба да продолжат, за да се овозможи постигнување договор. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ја повика најголемата опозициска партија да го продолжи учеството во работните групи при Министерството за правда.

-Имавме средби. Апелирам опозицијата да не се повлекува од дијалогот и да се постигне согласност за доброто на државата, вели  Али Ахмети, Претседател на ДУИ.

И СДСМ е подготвена да го продолжи дијалогот. Сметаат дека пред да почнат директни разговори со одделни пратеници и пратенички групи заради обезбедување двотретинско мнозинство, треба да се направи уште еден обид за постигнување договоро со ВМРО ДПМНЕ.

Но СДСМ нема намера да остапи од своите ставови, зашто ги смета за усогласени со ЕУ и со напорите за обезбедување правна држава. СДСМ е уверен дека ВМРО ДПМНЕ не се води од принципи туку од желбата за амнестија на криминалите направени од претходната власт предводена од Груевски.

Пред два дена, пропадна обидот за усогласување на ставовите околу местото и улогата на СЈО. Министерството за правда очекуваше амандмани, а ВМРО ДПМНЕ достави забелешки на 123 страници и 11 меѓународни документи кои треба да бидат вградени, за да немаме, како што велат, „обвинителство за политички прогон и заштита на криминалот на власта“. Од Владата велат дека продолжуваат со напорите за донесување на законот во најскоро време. Затоа, ќе продолжат разговори на два колосека: со ВМРО ДПМНЕ и со други пратеници, со кои би можело да се оформи мнозинство од 80, слично како при носењето на уставните измени.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ