
Рударот Венцо Велков сега чекори сигурно
Без болка, ортопедски помагала и со сигурен чекор, рударот Венцо Велков се симнува по скалите од петтиот кат од неговиот дом во Македонска Каменица. По операцијата во Аџибадем Систина, Велков е здрав човек, којшто ја заврши битката со инвалидитетот на левата нога.
По приказната на Телма за 41 годишниот Велков, кој по повреда пред четири години боледуваше од дискохернија, одвај се движеше од болки и се соочуваше со траен инвалидитет на левата нога, за неколку дена се сообраа потребните пари. Хуманите граѓани преку социјалните мрежи ги мобилизираше и хуманистот Дарко Гоцевски, а неговата матична фирма рудникот Саса му ја плати операцијата, која чинеше 13.500 евра.
На Венцо во наредните два до три месеци му претстои период на рехабилитација, во физикалната терапија во Кежовица, по што се враќа на работното место во рудникот Саса. Овој човек на кого по деветтата успешна операција во рок од четири години, животот му се враќа во нормален тек. Верува во хуманоста, порачува дека тој, но и своите деца ќе ги учи да подадат рака на секој на кој му е потребна во тешките и болни денови.
Викторија Димитрова Јованова