
Притвор ама дома за лидерот на Гром кој заедно со фирмата Гром е под истрага за продажба на државно земјиште во Карпош
Од утро до мрак- целодневна работа во судот за 9-мината осомничени меѓу кои и екс градоначалникот на Карпош Стевче Јакимовски. Сите се осомничени за злоупотреба на службена положба, за два случаи на незаконска легализација на времени објекти, при набавка на жардињери со цвеќиња и за изградба на плоштад на место од сообраќајница.
Иако за лидерот на Гром беше баран притвор, судот ги прифати наводите на обвинителството, меѓутоа поради здравствени прилики му определи домашен притвор. За уште двајца за кои беше барано притвор, судот определи поблаги мерки за претпазливост- едниот ги имал истите мерки изречени преку случајот Топлик на СЈО. Адвокатите тврдат ниту имало потреба од притвор ниту има доказ дека е направено нешто незаконско.
-Ова Карпошани треба да го знаат дека нивниот поранешен градоначалник одговара за доброто нивно, за она што го правел во изминатиот период, а не за злоупотреби кои упорно се обидуваат да му ги вадат, а за нив година дена немаат никакви докази. Веројатно на сите овде треба да ни е јасно која е пораката што јавното обвинителство овие истраги ги отвора непосредно пред битни политички моменти и одлуки во Република Македонија, вели Виктор Цветковски, адвокатот на Јакимовски, и ги поврза истрагите со претстојните претседателски избори.
Јакимовски од утрово беше донесен во судот и околу 13:30 часот во „друштво“ на адвокатот и двајца полицајци премина од стариот суд во новата зграда на кривичен. Ги забележа новинарите, дигна два прста како победа и порача „Ќе ги тепаме“ и „не им се плашам“.
Потоа со часови продолжи чекањето дали Јакимовски и уште двајца осомничени ќе добијат притвор како што бараше обвинителството за организиран криминал. Две кривични пријави се за легализација на бараките кај поранешниот Имес во Карпош 4.
Бараките биле времени монтажни објекти но преку општината првин биле легализирани како објекти, а потоа по ниска цена без лицитација новите сопственици го купиле државното земјиште. Активностите за кои се води истрага се одвивале меѓу 2011-та и 2017-та година.
Вредноста на купените плацеви каде сега веќе се градат згради тогаш била над 40 милиони денари или околу 660 илјади евра, тврдат во истрагата. Полицијата и обвинителството тврдат дека осомничените знаеле дека не смеат на тој начин да реализираат продажба на државен имот.
Меѓу фирмите кои се под истрага е и Гром промет која купила земјиште во Карпош во време кога општината ја водеше лидерот на Гром.
-Тие превземале дејствија кои не смееле да ги превземат, иако знаеле и согласно својата службена положба и овластувања биле должни да знаат дека објектите за кои што се поднесени барањата за утврдување на правен статус од страна на правните субјекти „Гром Промет“ ДООЕЛ Скопје, „ЕМАГ“ ДООЕЛ Скопје, „ДОТ МЕБЕЛ“ ДООЕЛ Скопје, како и барањето поднесено од физичкото лице, пријавениот Т.К. всушност не се бесправно изградени објекти, туку биле времени објекти односно монтажно/демонтажни бараки поставени на градежно неизградено земјиште во сопственост на државата, рече денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
Другите две дела за кои се товари Јакимовски се изградбата на плоштадот спроти студентскиот гоце Делчев за кој се потрошени околу 350 илјади евра иако таму требало да има примарна сообраќајница.
Од организиран криминал гонат и за набавка од 120 илјади евра на жардињери, кои Карпош ги купил иако тоа било задача на град Скопје, а купени се од фирми кои немале банкарски гаранции, велат во обвинителството.
Пред судот каде се рагзледуваа барањата за притвор на тројца и барањата за мерки за претпазливост на 6-мина вработени во општината или бизнисмени цело време имаше роднини на екс градоначалникот и на другите осомничени како и членови на партијата Гром.
За Јакимовски инаку до денеска беа важечки мерките за претпазливост од случајот на финансиската полиција отворен лани во август кога му беше одземен пасошот. Ден пред да биде приведен бил во судот на редовното понеделничко пријавување.
Сега ќе остане во домашен притвор и со одземен пасош.
Миомир Серафиновиќ