ЕК со пофалби, но и со потсетување дека реформите се уште не се завршени

Пофалби за реформите, но и потсетување дека тие се уште не се завршени, се пораките кои стигнаа денеска од Европската комисија по завршувањето на 15 состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу земјава и Европската унија. Импресионираноста на Федерика Могерини од реформската динамика и свесноста на владата дека промените не се само усвојување на закони, туку и квалитет и одржливоста на реформите, комесарот Јоханес Хан го дополни со повторување на обврските кои земјата се уште не ги завршила – реформи во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформата на разузнавачките служби и јавната администрација.

„Денеска многу слушнавме за прогресот, но морам да ве охрабрам да продолжите , а не да ги забавите сите тие напори. Промените во легислативата се позитивни и неопходни, но сакаме да видиме и трајна промена на менталитетот и однесувањето. Тоа е нешто што е многу поважно во поглед на успешен процес за зачленување во ЕУ“, изјави Јоханес Хан, еврокомесар за проширување.

Могерини освен што ја пофали енергијата со која владата пристапила кон реформите, се надеван дека земјава ќе може тоа да го одржи и во наредниот период.

„Тоа ќе бара од сите политички сили во земјата да работата заедно и конструктивно на реформската агенда. Инклузивниот пристап останува суштински. Широките консултации треба да продолжат. Очекуваме опозицијата да делува конструктивно и веруваме дека ќе демонстрираат чувство за одговорност и капацитет да се надминат разликите за да може земјата да ги исполни очекувањата на граѓаните за членство во ЕУ“, рече Федерика Могерини, висок претставник за надворшена политика и безбедност на ЕУ.

Могерини притоа на сите парламентарни партии, и од власта и од опозицијата, им порача дека сите политички разлики треба да бидат адресирани во институционалните рамки на земјата. Потенцираше дека за ЕУ ќе биде важно стабилизацијата, односно нормализацијата, на демократијата во земјата.

Премиерот Зоран Заев токму констатираниот напредокот во реформскиот процес смета дека е силен аргумент во раце на земјава во јуни да добие датум за старт на преговори, врз основа на очекувана позитивна препорака од ЕК за тоа.

„Во периодот пред нас ќе работиме уште повеќе, уште подобро, заедно со опозицијата и сите пратеници во собранието на Северна Македонија за остварување на сите преостанати задачи кои можат да имаат влијание на одлуката во јуни “, изјави Зоран Заев, премиер на Северна Македонија.

На претстојните претседателски избори и Могерини и Хан гледаат како на обврска за сите политичките партии тие да бидат добро спроведени и да ја покажат својата демократската зрелост.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ