
Од повратот на ДДВ ќар ќе видат побогатите
Семејство чија потрошувачка кошничка месечно изнесува 32.670 денари ќе може да очекува поврат на ДДВ од 172 евра за една година, покажаа пресметките на Фајнанс тинк во нивната анализа за оваа мерка, која според владините најави, треба да стартува од први јули. Само најбогатите домаќинства, кои годишно трошат по околу 20 илјади евра, ќе можат од оваа мерка да вратат по околу една просечна плата.
Четиричлено семејство, кое нема автомобил, за исхрана и пијалоци, домување, хигиена, превоз, облека и обувки, култура, одржување на здравје, годишно троши по 6.370 евра. Тоа семејство, преку сметките на државата ѝ плаќа ДДВ во износ од 1.146 евра, и според тоа, може да очекува поврат на ДДВ од 172 евра за една година.
Семејствата со две минимални плати не се во можност, без да се откажат од нешто, да преживеат и со синдикалната потрошувачка кошничка. Според тоа, тие и најмалку ќе добијат од колачот што се вика поврат на ДДВ, покажале пресметките на Фајнанс тинк.
Премиерот Зоран Заев најави дека годишно со повратот на ДДВ граѓаните ќе добијат меѓу 60 и 100 милиони евра годишно.