Од протестите зависи дали Вучиќ ќе оди на предвремени избори во Србија

Ситуацијата во Србија се вжешти во последните 24 часа откако вчеравечер неколку стотини граѓани но и лидери на политички партии упаднаа во зградата на националниот сервис Радио Телевизија Србија барајќи еднаков и фер третман во известувањето. Веќе три месеци траат протестите во Белград но и десетици други градови во Србија на кои се бара оставка од претседателот Вучиќ и предвремени избори.

Дали ќе има избори или не зависи од текот на протестите,смета новинарката Ирена Стевиќ.

Следната година е редовна изборна година кога и се очекуваат редовни парламентарни избори така да доколку протестите станат се помасовни јас верувам дека изборите ќе бидат одговор. Доколку не бидат… Само е прашање дали опозицијата на тие избори ќе учествува или не, вели таа.

Протестите во Србија почнаа како граѓанска иницијатива, но потоа се приклучи и опозицијата. За новинарката Ирена Стевиќ е дискутабилна причината поради кои ја поддржа бидејќи досега не е јавно соопштена било каква соработка.

Тоа беа граѓански протести и луѓето кои ги организираа протестите беа потполни анонимуси во тој момент. Што и како се случуваше понатаму малку знаеме што по мене е исто така спорно. Опозицијата тука е внимателна од причина што поедини лидери на опозицијата веќе имаа шанса да ја водат државата и се плашат дека народот кој излзе на улиците нема доволно да им верува, вели Стевиќ.

Сличен став има и аналитичарот Дарко Трифуновиќ, кој смета дека граѓаните кои демонстрираат немаат многу избор меѓу лидерите кои се со нив на улица.

Политичарите кои имаа шансада ја уредат Србија, истите тие политичари еден дел од нив се наоѓа на белградските улици или на улиците на други српски градови и луѓето едноставно немаат свој кандидат. Ако тие треба да претставуваат некаква иднина на Србија, мислам дека голем дел од граѓаните на Србија не гледа иднина во нив зато што тие веќе ја имаа шансата, смета Трифуновиќ.

„Македонско сценарио“ е кованица која претседателот Вучиќ и неговите соработници во последно време често ја користат. Така беше и на денешното обраќање.

Сушптината е во тоа што тука граѓаните се многу добро запознаени со тоа што се случи во Македонија и поради тоа „македонското сценарио“ се користи. Дали како своевиден метод за ширење на страв или од друга страна како своеден метод за поттикнување на тоа што во овој случај би можела да направи опозицијата. Граѓаните на тоа добро реагираат и добро влијае, вели Стевиќ.

Трифуновиќ пак е убеден дека на тој начин претседателот Вучиќ алудира на негова смена.

Македонското сценарио беше да легитимно избраниот премиер да се тргне од власт. Ако мислат на тоа македонско сценарио, дека тој и тие во неговото опкружување се легитимно избрани претставници и дека овие од улица сакаат да ги симнат од власт тогаш тука има сличности. Но секоја друга споредба не е адекватна. Не знам што мислел претседателот на Србија и што имал во глава но сигурно знам дека некои луѓе од неговото опкружување не се добронамерни, оценува Трифуновиќ.

Кога станува збор за медиумите Стевиќ вели дека за протестите  се известува штуро или крајно непрофесионално од медиумите блиски до Вучиќ. Националниот сервис пак се држи до кратки извештаи без да посвети поголемо внимание и простор.

Што ќе се случува понатаму во Србија е тешко да се предвиди, вели новинарката Ирена Стевиќ,

Во овој момент навистина не е можно да се прогнозира што ќе се случи. Јас верувам дека за многумина беше изненадување и оној упад во РТС вчера. Не знам на кој начин Вучиќ ќе одговори на ова. Она што тој порачува е дека сака да преговара со претставници на граѓаните  и со организаторите на протестите но не  и со лидерите на опозицијата кои ги смета за нелегитимни.Во овој момент невозможно е да се предвиди дали протестите сами по себе ќе стивнат или можеби пред се Вучиќ ќе седне и ќе поразговара за барањата кои се слушаа на протестите, вели Стевиќ.

Многу ќе зависи и и од денешниот втор дневник на Радио Телевизија Србија на кој опозицијата инсистира да гостуваат претставници кои ќе ги соопштат своите барања и предлози околу иднината на Србија и предвремените избори. Директорот на националниот сервис најави дека никој нема даму ја уредува програмската шема а претседателот Вучиќ беше дециден дека нема да дозволи да се повторат сликите од вчеравечер.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ