
Масовни акции во струмичко за чистење на големите диви депонии
Повеќе од сто депонии во општина Струмица треба да се исчистат во следниот период до почетокот на летото. Општината заедно со комуналното претпријатие почнаа со акција во која треба населените места и јавните површини да се ослободат од илјадици тони отпад. Градоначалникот Коста Јаневски вели дека тоа се локации кои секоја година имаат генерално чистење, но дивите депонии постојано се обновуваат. Ги повика и граѓаните и приватните градежни компании со своја механизација масовно да се приклучат.
Граѓаните од населените места признаваат дека влезовите се претворени во депонии и дека сиот отпад од нивите и крупниот отпад како градежен шут и стар мебел од домаќинствата завршува покрај патиштатта и во речните корита. Сметаат дека во услови на ниска свест, најдобар лек се казните.
Општината, пак, вели дека редовно се изрекуваат казни, понекогаш и повеќекратно на исти лица, но од нив не гледаат ефект. Затоа размислуваат за почнување на поголема кампања за подигнување на еколошката свест на населението но и едукација на повеќе нивоа во општеството.
Сузана Мицева