
Државата не смее да се доведе до ситуација некој да не одговара кривично за сторени кривични дела
Што и да се прави со Специјалното јавно обвинителство, државата не смее да се доведе до ситуација некој да не одговара кривично, за евентуално сторените кривични дела, им порача на политичарите Маргарита Цаца Николовски од Институт за човекови права на дебата на штипскиот Правниот факултет.
Смета дека разговорите од бомбите не треба да се исклучат од предметите затоа што тие и не се единствените докази, во постапките. Владата е таа што ги предлага новините, но одговорноста ја има законодавната власт.
Според Николовска, ако земјава сака да влезе во ЕУ, и ако сака да презентира дека оди чекор напред, од заробената држава ја одзаробува, прво и основно треба судството да го одзароби, од состојбите коишто се оценети, како негативни. Во изминатите три децении секој го реформираше судството, а најмалку стручњаците, кои сметаат дека независноста на судството засега е само декларативна. Бараат конечно да се слушне и нивното мислење при кроењето на законите.
Судската власт ги чека законот за судовите и за судскиот совет, а за којшто во моментов се чека и мислњењто од Венецијанската комисија. Членот на Судскиот совет Сашко Ѓеоргиев смета дека судиите сега се бираат согласно законот, а не од нечие тефтерче.
Граѓаните очекуваат многу од реформите во судската власт, а според Николовска довербата се враќа и со вадење од фиоката и решавање на предметот за петмината судии во Врховниот суд, меѓу кои и за претседателот, а за кои постојат обвинувања дека дозволиле политиката директно да се меша во судството.
Викторија Јованова