
За 11 закони вратени без потпис од Иванов ќе одлучува Талат Џафери
Собранискиот спикер ќе го има последниот збор и за 11-те закони што претседателот Ѓорѓе Иванов одби да ги потпише, затоа што го содржат името Република Северна Македонија. Во Службен весник со очекува да бидат испратени само со потписот на Талат Џафери, како што беше направено за ратификацијата на Преспанскиот договор и за Законот за јазиците. Но, првин ќе треба повторно да се изгласаат.
За ВМРО ДПМНE, постапката на Иванов,е законска.
Претседателот најпрво вратил шест закони усвоени во февруари, а потоа и уште пет донесени овој месец. Меѓу нив се и законот за ОТА, законот за служба во Армијата, законот за Едношалтерски систем и трговски регистер, како и измените на законот за Електронски комуникации. Во образложението Иванов навел дека указите не ги потпишал бидејќи во извршувањето на функцијата секогаш постапувал согласно дадената свечена изјава дека ќе го штити Уставот и ќе ги брани интересите на Република Македонија.
Во вакви случаи, законите повторно се разгледуваат во фаза на трето читање и тоа во рок од 30 дена од денот на нивното донесување. По повторното усвојување, претседателот е должен да ги потпише, но во случајов, е сосема извесно дека тоа нема да се случи и дека повторно ќе треба да пресече Џафери.
Денеска истекува и рокот во кој претседателот Ѓорге Иванов, треба да ги потпише Указите за Законот за судовите, Законот за прекршоците и Законот за управните спорови, донесени со дво-третинско мнозинство.
Далиборка Демјанска Цветановска