Министерството за култура ги објави финалните резултати

Министерството за култура на својата веб-страница ги објави финалните резултати од годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2019 година. По првично објавените резултати, откако беа увидени формални недостатоци во документацијата на дел од пријавите на апликантите им се даде можност во соодветен рок да достават дополнителни појаснувања и документација за нив. Исто така, беше извршен и детален преглед на бодовите за секоја ставка од конкурсите, а беа одржани и средби со дел од културните оператори, соопштуваат од министерството..

Повторното разгледување на пријавите следуваше откако во јавноста културните работници и професионалци жестоко ја критикуваа распределбата на средствата, при која според одредени апликанти кои не добија средства биле фаворизирани проекти блиски на структурите на власт. Од министерството потсетуваат дека рокот на жалба е 15 дена од денот на приемот на решението, но жалбата не го одлага извршувањето.

Во меѓувреме во Собраните утре ќе започне надзорната расправа на која ќе се проверуваат апликациите кои добиле средства, според ВМРО ДПМНЕ станува збор за фирми и здруженијата, кои биле формирани неколку денови или месеци пред отворањето на конкурсите. Од опозицијата обвинуваат дека проектите од недвижно културно наследство биле ограничени на 300 илјади денари, наспроти милионските суми за фризерски и други манифестации, а спорна е, велат и компетентноста на членовите на комисиите, кои одлучувале за апликациите.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ