Невладините бараат итно усвојување на закнот за заштита од дискриминација

Итно усвојување нз законот за заштита од дискриминација на денешната седница на Собранието побараа десетина невладини организации здружени во националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата. Тие денеска излегоа на протест пред Собранието, симболично го блокираа сообраќајот и побараа од пратениците да застанат на страна на граѓаните и да го изгласаат законот како што во неколку наврати беше најавено и ветено. Нагласија дека се револтирани од фактот што овој закон веќе осум месеци е заглавен во собраниска процедура а спикерот Џафери од само нему познати причини не го стави законот на гласање.

Присутните на протестот сметаат дека пратениците покажале дека не им пречи што неколку категории на граѓани се дискриминирани. За разлика од инертноста во овој случај,  пратениците покажале ажурност кога станува збор за закони со кои самите си доделуваат привилегии.

Минатиот четврток, законот за заштита од дискриминација кој има европско знаменце, беше ставен на дневниотѕ ред на Собранието. Главната расправа мина во жестока дебата исполнета со реплики и контрареплики меѓу пратеникот Влатко Ѓорчев од една страна и министерката Мила Царовска и пратениците од СДСМ од друга.

За предлагачот на законот, министерството за труд и социјална политика, овој закон е неопходен и со него се прошируваат основите за дискриминација, подобро се дефинира поимот и дефиницијата за дискриминација, се професионализира Комисијата за заштита од дискриминација и се прецизира начинот на избор на членови.

Законот за заштита од дискриминација е дел од реформскиот пакет кој Брисел го бара од Македонија.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ