
Виножито бара од Вартоломеј богослужба на македонски во грчките цркви
Воведување на богослужба на современ македонски јазик во црквите каде живеат македонски православни христијани во Грција. Ова барање до Вселенскиот патријарх Вартоломеј го упати партијата на македонското малцинство во Грција – Виножито, со писмо во кое се наведува јазичната посебност македонските православни христијани, граѓани на Грција. Од Вартоломеј се бара да има разбирање за нивните религиозни права како малцинство да можат да ги изговорат и да ги слушнат молитивите во црквите на својот мајчин јазик – македонски.
Договорот од Преспа, според Павле Воскопулос од Виножито, го поставува појасно признавањето и почитувањето на јазичното прашање од грчката страна.
„Кога станува збор за еден таков договор што има одредена тежина и кога јасно Грција признава и почитива македонски јазик, како што е во овој Договор, ни се дава простор и на нас поагресивно и попозитивно да делуваме со нашите активности, наметнување на македонскиот јазик, од една страна, и од друга страна, сметаме ќе биде позитивно и за самата Грција почитивањето на македонскиот јазик, како чекор кон проширување на демократијата“, вели Павле Воскопулос од партијата Виножито.
За тоа каков би бил одговорот од Вселенскиот патријарх, Воскопулос смета дека тоа ќе се покаже на дело.
„Знаеме дека екстрамната страна на грчкиот национализам, најекстремното изразување, е Грчката православна црква. Имавме и во минатото проблеми, токму и на овој пример, да се крсти едно дете со македонско име. Не мислиме дека е исклучиво поврзан овој Договор со признавање на верските традиции, но се дава повод да се делува позитивно дури и во оваа, верска насока“, вели Павле Воскопулос од партијата Виножито.
Виножито освен до Вартоломеј, пред еден месец упатила барање за работна средба со министерот за образование на Грција, за воведување на изучување на современиот македонски јазик во јавното образование во областите каде тој се зборува. Партијата вакво барање има упатено до секој министер за образование во изминатите 15 години, но досега без одговор. Пред неколку дена отишла и чекор понатаму и за време на посетата на министерот на Лерин, побарале средба на лице место, но биле игнорирани.
Васкопулос вели дека Виножито ќе продолжи со барања за образовни реформи во Грција барем минимум на јазично ниво. Според него се повидлива е јазичната асимилација на Македонците во Грција.
„Секоја генерација го губи повеќе мајчиниот јазик. За младите генерации мајчин јазик веќе е грчкиот. За постарите генерации се уште е македонскиот“, вели Павле Воскопулос од партијата Виножито.
Инаку речиси еден месец по стапувањето на сила на Договорот од Преспа и промената на името на земјава, дел од грчките медиуми се уште ја именуваат земјава како Скопје, а во пограничните региони во Грција се уште не се сменети таблите на кои пишува „поранешна југословенска Република Македонија“.
Тамара Грнчароска