
Трагедиите ги исплашија инспекторите – сега бараат пропусти во приватните ординации
Уште една приватна ординација е принудно затворена. Инспекторите затропале на вратата кај доктор Даскалов. Сакале со свои очи да се уверат дека тој и уште неколку приватни доктори за пластична и реконструктивна хирургија работат без да ги заобиколуваат правилата.
Докторот ја водел ординацијата како што нему му одговара без да води сметка за дозволата за работа која ја добил од Министерството за здравство.
Освен тоа што во зградата има операциона сала иако од Министерството за здравство рекле дека не смее таа да фигурира таму, докторот Даскалов направил пропуст и кога ги пријавувал оние кои ги вработувал кај себе. Ординацијата ќе остане со лентата на врата се додека докторот не ги поправи неправилностите. Од ДСЗИ дополнително најавија и вонредни проверки во големите приватни болници.
Санитарните инспектори деновиве работат повеќе од вообичаеното. Случаите со смрт на пациенти од сепса ги мобилизираа да тропнат на врата кај приватните лекари и да проверуваат како тие работат. Пред дваесетина дена почина Булент Ибрахим чија состојба се искомплицира по операција на хемороиди кај приватен лекар. Починал од труење на крвта. Завчера почина и двеипол годишно девојче на Детска клиника. За нејзината смрт Министерството за здравство ќе истражува и ќе бара пропусти преку стручна комисија.
Петар Догов